Балкан
6. December 2018 - 14:59

Вучиќ и Столтенберг разговараа за најавите за формирање косовска војска

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во телефонски разговор се согласија дека зачувувањето на мирот и стабилноста е од најголем интерес за Србија и за целиот регион, соопштија од кабинетот на шефот на српската држава.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението се наведува дека српскиот претседателот му се заблагодарил на Столтенберг за констатацијата „дека не е време за формирање на косовската војска“, односно дека намерата на Косово „да ги трансформира своите безбедносни сили во војска доаѓа во погрешно време“.

Вучиќ во разговорот изразил загриженост поради намерата Приштина да формира војска и ги истакнал „опасностите што овој чекор ги носи за опстанокот на српскиот народ во Косово, безбедноста на Србија, како и за мирот и стабилноста во регионот“.

Двајцата соговорници се согласиле да останат во постојан и директен контакт, како и српската војска повторно да воспостави секојдневни контакти со силите на КФОР за размена на информации и следење на развојот на ситуацијата.

Генералниот секретар НАТО во разговорот му се заблагодарил на Вучиќ за „одличната организација“ на вежбата за давање итна помош, која со 900 учесници беше најголема вежба од ваков вид досега што се одржа во октомври во Србија.

Столтенберг, исто така, нагласил дека многу го цени „придонесот на Србија во мирот и стабилноста во регионот“.