Македонија
11. April 2017 - 16:15

Вучиќ и Коѕијас загрижени за ситуацијата во Македонија

Новоизбраниот српски претседател и се уште актуелен премиер, Александар Вучиќ стравува дека екалирањето на политичката криза во Македонија може да има реперкусии и врз стабилноста на Србија.

Вучиќ по средбата со американскиот сенатор Џон Меккејн изјави дека од суштинско значење за Западниот Балкан е да се реши проблемот во Македонија, при што се надева дека кризата ќе се реши на мирен начин врз основа на почитување на македонските закони.

,,Тоа за нас е од огромно значење. Ако имаме незадоволни Албанци од состојбата во Македонија може проблемот од таму да се пренесе кај нас и да имаме проблеми на југот на Србија. Доколку, пак, дојде до меѓумакедонски судир, што никој не го посакува, би предизвикал тешки последици за сите нас, изјави Вучиќ. 

И шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изрази загриженост за стабилноста на Македонија.

Коѕијас, во обраќањето на настан организиран од страна на Движењето на идеи и акција изјави дека „нестабилната ситуација во Скопје, во голема мера се должи на недостиг на култура на компромис и консензус“.

Во меѓувреме вчера во Солун се одржа уште една рунда политички консултации меѓу Макеоднија и Грција во рамките на спроведувањето на мерките за градење доверба. Детали не соопштуваат ниту двете министерства, освен дека двете страни размениле мислења за состојбите во регионот и го разгледале напредокот забележан во спроведувањето на мерките за градење доверба.