Македонија
28. January 2022 - 16:40

Второто полугодие започнува во вторник

Второто полугодие почнува на 1 февруари со физичко присуство, категоричен е министерот за здравство. Тој уверува дека епидемиолошката состојба го дозволува тоа иако СОНК и опозицијата бараат децата првите две недели да учат онлајн.

Беким Сали најавува и скрининг на учениците по случаен избор.

-Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките.

Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки, изјави министерот за здравство Беким Сали.

Иако за Ковид тест и крвни анализи на државно се чека и по десетина дена, заради ограничените капацитети државата не планира да склучи договори со приватните лаборатории за да им олесни на граѓаните, бидејќи се намалувал бројот на новозаразени. Сали само апелираше доколку се во можност да ги намалат цените.

-Ние разговаравме со сите чинители кои влијаат врз цената и очекувам позитивен одговор од нив, рече Сали.

За намалувгање на периодот на изолација министерот одговори дека сите кои се без симптоми после 7 дена се бришат од системот Мој термин. Доколку позитивниот пријавил симптоми наредните денови ќе му се регулираат со боледување од матичниот.

Нови рестриктивни мерки не се планираат потенцираше Сали. Тој денеска прими бустер доза на пунктот на Економскиот факултет и апелираше граѓаните да се вакцинираат, без да најави како планираат да го зголемат опфатот на имунизација кој нуикако да надмине 40 отсто вакцинирано население.