Македонија
17. September 2019 - 16:31

Второстепената комисија најавува законски измени за водење на постапките за инвалидски пензии

Бане Најдовски од Ајватовци и Ацо Јовановски од Скопје кои неколкупати ги одбивале за инвалидска пензија и покрај здравствената состојба, не се нашле пред членовите на ревизионата Комисија во Министерството за труд и социјална политика, кои одбиени предмети разгледуваат само по случаен избор. Бане и Ацо останале без позитивен одговор и од второстепената Државна Комисија за одлучување во управна постапка. Оттаму за Сител велат дека ги одбиле жалбите бидејќи немаат право да изведуваат нови докази туку решаваат по наодите од првостепената лекарска комисија.

Претседателката на Комисијата Даница Чадиева за Сител вели дека ќе има измени на правилникот според кој се одлучува за инвалидски пензии.

-Комисијата за ревизија на наодите ќе биде задолжителна и за одбиените одлуки, кои одат пред Комисија за ревизија по случаен избор и во многу помал број. Со тоа на некој начин ќе се ревидира дисреционото право нас Комисијата за оцена на работна способност, вели Чадиева.

Државната Комисија годинава одлучувала за 1031 жалба од областа на пензиското и инвалидско осигурување.

И додека дојде до системски промени за контрола на лекарските комисии, екпсерти сугерираат дека е неопходна и промена на законската регулатива со која за одредени тешки заболувања пациенти ќе добиваат инвалидска пензија без одење на контролни прегледи. На ова мислење е и претседателката на второстепената комисија.

-На пример дијагнози како што се алцхајмерова болест, одредени видови канцер, паркинсонова болест,некои видови деменција и сл, да не одат на контролен преглед, да бидат утврдени како заболувања на кои по закон им следува користење на инвалидска пензија, посебно за дијагнози и видови на заболувања кај кои  и во медицината е веќе констатирано дека до значително подобрување кое би го направило лицето работно способно не може да дојде, вели Чадиева.

Иако побаравме, не добивме одговор од ПИОМ што предвидува правилникот по кој одлучуваат лекарите од комисиите и зошто лица со тешки заболувања кои користат и туѓа нега ги прогласуваат за работоспособни.