Свет
18. јуни 2017 - 9:01

Вториот круг од парламентарните избори во Франција

Француските гласачи ќе гласаат денеска на вториот круг од парламентарните избори, кои според досегашните анкети се очекува да и обезбедат мнозинство од најмалку четири петини на центристичката партија на новиот претседател Емануел Макрон во Националното собрание, Долниот дом на Парламентот.

Ова ќе му овозможи на Макрон, кој беше избран минатиот месец за претседател да ја оствари својата амбициозна програма за либерални реформи.

- Шефот на државата очекува Французите да ја потврдат денеска „желбата за обнова“, изразена на претседателските избори и на првиот круг од парламентарните, изјави во средата портпаролот на Владата Кристоф Кастанер.

Премиерот Едуар Филип сепак ги предупреди во четвртокот приврзаниците на Макрон да не ја сфаќаат победата здраво за готово.

Според последните анкети се очекува партијата на претседателот „Република, напред!“ да освои најмалку 80 проценти од местата во Националното собрание, иако за неа ќе гласаат околу една третина од гласачите. Ова се должи на француската изборен модел со едномандатни области, каде се гласа во два круга.

Од друга страна, екстремнодесничарскиот Национален фронт (НП) на Марин Ле Пен, која стигна до вториот круг на претседателските избори во мај, се очекува да освои само неколку мандати во 577-члениот Долен дом на Парламентот.

Иста е ситуацијата и со крајната левица, чиј кандидат за претседател Жан-Лук Меланшон добие речиси една петтина од гласовите во првиот круг од претседателските избори во април.

Со изборниот модел може да се појасни и релативно нискиот одѕив на гласачите на парламентарните избори. Во првиот круг на 11 јуни гласаа помалку од половина гласачи, историски негативен рекорд, при што многумина изјавија дека не гледаат смисла да го искористат своето право на гласање. Се очекува одѕивот во вториот круг да биде уште помал.

Овој проблем беше признат и од Владата на Макрон, која потврди дека планира да го реформира француската изборен систем.

Неодамнешните анкети на партијата на претседателот и нејзиниот центристички сојузник Демократско движење (Модем) на Франсоа Бајруш им прогнозираа меѓу 440 и 470 места во Националното собрание.

Конзервативците, ослабени и разделени откако нивниот претставник Едуар Филип стана премиер на Владата на Макрон, ќе освојат меѓу 60 и 80 места.

Социјалистите, кои беа прва сила во досегашното Национално собрание, ќе добијат од 22 до 35 мандати, а крајната левица и комунистите меѓу 14 и 25.

Националниот фронт ќе има само меѓу еден и шест пратеници, иако неговата лидерката Марин Ле Пен стигна до вториот круг од претседателските избори во мај и освои околу една третина од гласовите.

Во првиот круг на 11 јуни „Република, напред!“ освои 32,3 проценти, конзервативната партија „Републиканците“ 21,5 проценти, НП 13,2 проценти, крајната левица 13,7 проценти, а Француската социјалистичка партија 9,5 проценти.

Рекорден број француски гласачи, 51,3 проценти, сепак не го искористија своето избирачко право.

Во првиот круг беа избрани само четворица од 577-те членови на новото Национално собрание, двајца претставници на партијата на Макрон, еден од нејзиниот сојузник Модем, како и независен левичар.

Денеска претстојат 572 избирачки дуели и едно гласање со тројца кандидати. Според францускиот изборен модел за победа во првиот круг во соодветниот едномандатен регион се потребни над 50 проценти од гласовите. Ако никој не постигне таков резултат, за вториот круг се квалификуваат првите двајца кандидати, како и секој друг кандидат кој добил најмалку 12,5 проценти од гласовите. Победник во вториот круг е оној кандидат, кој ќе освои најмногу гласови, независно од одѕивот.