Македонија
31. October 2015 - 13:54

Втора манифестација за скопската чаршија „Калдрма матине“

Во организација на Македонско-бугарската стопанска комора и со поддршка на Министерството за економија и Општина Чаир денеска се одржа втората манифестација „Калдрма матине“ чија цел е со бизнис и културни проекти да се врати сјајот на еден од најавтентичните простори на главниот град - Скопската чаршија како место на еснафот и соживотот. 

Во своето обраќање министерот за економија Беким Незири рече дека еснафот ја држи чаршијата жива, а нејзина главна карактеристика е што тој е обединет во различноста. 

- Затоа ги поддржуваме ваквите проекти. Тоа што го ветивме лани, го реализираме оваа година во соработка со Општина Чаир. Обезбедивме средства во износ од 400.000 евра, и сите витрини и сите дуќани во Старата чаршија, односно блокот 3 2 кој опфаќа околу 60 дуќани. За секој дуќан ќе се направи посебен проект за конзервација, санација и адаптација на излозите и натписите на дуќаните. Притоа, посебно ќе се води сметка да не се губи автентичноста и културната вредност на самиот објект, рече Незири. 

Според градоначалникот на Чаир Изет Меџити, чаршијата  има живот и потенцијал, а ние имаме должност, рече тој, да направиме спој на вековната традиција и модерното живеење.

- Затоа Општина Чаир презема низа активности со кои на Старата скопска чаршија и дава нова, модерна димензија. Таа била и треба да биде центар на економскиот и општествениот живот, авангарда на времето. Манифестацијата „Калдрма матине“ е продолжување на сите наши заложби за чаршијата, рече Меџити.

Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски го потенцира значењето на инфраструктурното поврзување.

- За да дојдеме до калдрмите кои се живот, до овие сокаци на историјата, нам ни требаат модерните магистрални дијагонали на поврзаност на соседите, на излегување од калдрмите што во ова време се израз на балкански слепи колосеци без модерни сообраќајни врски. Албанија, Македонија и Бугарија ја имаат обврската меѓу себе да се поврзат со европски коловози за брзо и сигурно патување кон иднината... Идеите  кои ќе ги реализираме ќе бидат огледало на она што денес го ветуваме. Сметаме дека на соживотот и капиџик-односите кои биле и се на овие балкански простори ќе им дадеме поголема динамичност, рече Темелковски. 

На настанот се обрати и амбасадорот на Бугарија во Скопје Иван Петков кој посочи на важноста на културниот туризам за развојот на целокупниот туризам на една земја и негувањето на она што е уникатно во културата и историјата, нешто што другите го немаат. 

Претставници од бизнис-заедницата, од стопанските комори, од планските региони и од уметноста на манифестацијата дискутираа како традицијата и модерното да се спојат и да се ребрендира ова старо урбано јадро, кое ќе се облагороди и со творештвото на уметниците. Тие имаат идеи  во чаршијата да се направи сокак на уметноста, каде ќе има сликарски ателјеа и изложби на отворено, и сокак на висока мода со дуќани на брендирани модни новитети и организирање ревии на места низ чаршијата.

Организаторите на настанот потпишаа и Меморандум за соработка за да ги реализираат проектите кои заедно ги планираат.