Македонија
25. November 2016 - 9:01

Втора археолошка конференција „Неолитот во Македонија“

„Неолитот во Македонија II“ е насловена археолошката конференција која во организација на Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП) ќе се одржи денеска  во Археолошкиот музеј на Македонија.

Таа е втора конференција посветена на резултатите од истражувањата на неолитските локалитети и материјалната култура. Годинава на конференцијата ќе учествуваат повеќе археолози од Македонија и од странство кои ќе ги презентираат своите истражувања поврзани со рекогносцирањата на неолитските локалитети во скопскиот и во пелагонискиот регион.

Како што информира ЦИП, во неколку излагања акцент ќе биде ставен на врските меѓу неолитските локалитети во Македонија и Бугарија, особено на оние што комуницирале по долината на реката Струма.

Во рамки на конференцијата ќе биде промовиран зборникот „Неолитот во Македонија: нови перспективи и сознанија“ кој ги содржи рефератите презентирани на минатогодишната конференција. 

Воведни предавања на конференцијата ќе имаат бугарските археолози Васил Николов и Крум Бачваров од Националниот институт за археологија при Бугарската академија на науките.