Македонија
10. May 2018 - 8:26

Втор состанок на балканските земји и Вишеградската група, можност за нова средба Димитров-Коѕијас

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска повторно ќе седне на иста маса со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, откако на 4 овој месец двајцата министри учествуваа на квадрилатералниот состанок во Солун.

Димитров и Коѕијас денеска и утре ќе учествуваат на вториот состанок на министрите за надворешни работи на балканските земји и Вишеградската група, кој ќе се одржи во Сунио во близина на Атина.

Димитров, како што соопшти МНР, на покана на Коѕијас ќе учествува на вториот состанок во проширен состав на министрите за надворешни работи од Балканот и Вишеградската група, во таканаречениот формат „Балкан 4 плус Вишеград 4 плус“.

Покрај стандардниот формат од минатата година во Будимпешта, каде учествуваа министрите за надворешни работи на четирите земји членки на ЕУ од Балканот - Грција, Бугарија, Хрватска и Романија, плус Словенија прв пат се поканети и земјите - кандидати од овој регион, Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, плус Босна и Херцеговина. Земјите од Вишеградската Група ќе бидат претставени од министрите за надворешни работи на Полска, Унгарија, Чешка и Словачка.

Главната дискусија на состанокот е насловена „Иднината на Европа и проширувањето на Европската унија“, на која се очекува воведни излагања и свои видувања да изнесат проминентни академици и експерти.

ЕУ проширување.jpg

Министрите ќе имаат прилика да се осврнат и на прашањето околу енергетската безбедност и нејзиното значење за регионалната и меѓу-регионалната соработка.

Се очекува, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на маргините на состанокот да одржи и повеќе билатерални средби.

Средбата со Коѕијас официјално не е потврдена, но е очекувана во процесот на интензивирање на преговорите за спорот околу името, а за в сабота е закажан нов состанок на двајцата министри со медијаторот на ОН, Метју Нимиц. Состанокот со Нимиц ќе се одржи во Атина.

Димитров Коѕијас Нимиц

Шефовите на дипломатиите на последната средба во Солун, како што информираа, разгледувале комбинаторки за најспорните прашања - промена на Уставот и опсегот на употреба.  

Димитров и Коѕијас најавија дека за разгледуваните комбинаторики ќе ги информираат премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои пак, се очекува да се сретнат на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 17 мај во Софија. 

Заев вчера изјави дека сега е најдобриот и неповторлив момент да се изнајде решение за долгогодишниот проблем за името.

- Очекувам најмалку на маргините на Самитот за Западен Балкан во Софија да се видам со грчкиот премиер Ципрас и да ги искоментираме досегашните постигнувања помеѓу двајцата министри, а можеби ќе бидеме и похрабри во нашата креатива не велам не, но во секој случај вредно е да се обидеме до самиот крај. Јас давам шанса на процесот, истакна Заев.

Поткуп Заев изјава

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос,пак вчера изрази воздржан оптимизам за можноста од изнаоѓање договор.

- Факт е дека постои прозорецот на можности, отворен е и секако интензивирани се разговорите. Но, во никој случај, не е дека е постигнат договор. Се надевам дека ќе има дополнително придвижување за прашањата. И продолжувам да сум воздржано оптимист за решение, рече Катругалос. 

Јоргос Катругалос

Димитров во Сунио ќе се сретне со поранешниот грчки премиер, а сега лидер на Сегрчкото движење на демократските социјалисти и на социјалистичката интернационала, Јоргос Папандреу. Средбата ќе се одржи утре, а информацијата за МИА ја потврди самиот Папандреу вчера по средбата со Ципрас. 

И Грција и Македонија го мерат јавното мислење во овој период на интезивирање на процесот за решавање на долгодишниот спор.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) објави анкета, според која еден двајца граѓани (47,1 отсто) се против каква било промена на името, што по растот во 2013 година (62,3 отсто) е враќање на нивото од 2010 година (48,4 отсто).

Иако мнозинството етничките Македонци (59,6 отсто) не сакаат никаква промена, сепак, за забележување е намалување на овој став во однос на 2013 година (79,7 отсто).

Истражување МЦМС 2

Според ова истражување, „ерга омнес“ е најмалку прифатливо решение и овој став е повисок од сите претходни истражувања. 

Јазот меѓу етничките Македонци и етничките Албанци во однос на решението се продлабочува. Така, кај ставовите за „зачувување на името“ наспроти „евроатлантските интеграции“, 44,6 отсто од етничките Македонци би избрале зачувување на името, а 90,1 отсто етнички Албанци би избрале евро-атлантски интеграции.

Јазот, како што се наведува, би бил најдлабок во случај на референдум за промена на името, на кој 85 отсто етнички Албанци би гласале „да“, наспроти 62 отсто на етнички Македонци кои би гласале „не“.

За 45 отсто од Грците е разбирлива перспективата за сложено име со вклучен термин Македонија, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од агенцијата „Прората“ за грчкиот Институт за алтернативни политики ЕНА, што на 7 мај ги објавува весникот „Етнос“.

Грција анкета Етнос

На истото прашање, 23 отсто од анкетираните рекле дека „перспективата за признавање на ПЈРМ со сложено име што ќе го содржи терминот Македонија им предизвикува бес за оние што прифаќаат такво нешто“, 14 отсто одговориле дека се срамат што се Грци, 13 отсто се рамнодушни, додека пак пет проценти одбиле да одговорат.

Шеесет и девет проценти од анкетираните сметаат дека Македонија не претставува закана за територијалниот интегритет на Грција, наспроти 21 отсто што одговариле позитивно.