Македонија
7. May 2019 - 13:58

Втор пат порибено Осломејското Езеро кај Кичево

Идејата на поголема група ентузијасти од Кичево за порибување на Осломејското Езеро денеска се реализираше со пуштање на 500 килограми крап со поединечна тежина од 70 грама до 1,5 килограм.

– Нашата идеја и желба да го порибиме Осломејското Езеро ја реализиравме. За да ја реализираме оваа идеја на доброволна база собравме околу 90 илјади денари и набавивме 500 килограми крап со тежина од 70 грама до 1,5 килограм по парче. Рибата за ова второ порибување ја набавивме од рибникот и мрестилиште „Акватика“ од Неготино, рече Бесмир Елези, еден од иницијаторите за оваа идеја.
 
Елези вели дека нивните очекувања се дека во езерото ќе се зголеми количеството риба и дека тоа во блиска иднина ќе стане посакувана дестинација за голем број риболовци, како од Кичево така и од соседните градови.
 
– Морам да изразам голема благодарност и до државниот секретар во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство Нефруз Челику, кој ни обезбеди дополнително количество риби за порибување односно 100 килограми и така езерото ќе стане попривлечно за сите љубители на убавата природа, рече Бесмир Елези, еден од иницијаторите за оваа идеја.
 
Рибарите изразија задоволство што на овој начин е збогатен рибниот фонд на езерото, кое со својата големина и длабочина од над 50 метри е се уште неоткриена убавина во земјава.