Македонија
23. јуни 2016 - 15:44

Втор јавен состанок на Агенцијата за медиуми

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски  услуги (АВМУ) заради непочитување законски одредби во изминатите три месеци изрече 31 опомена на 19 радиодифузери, две опомени на двајца издавачи на печатени медиуми и четири решенија за опоменување и за исклучување програмски сервиси, информира денеска директорот на АВМУ Зоран Трајчевски во обраќањето на вториот јавен состанок на агенцијата.

Поради непочитување на правилата за заштита на малолетната публика и по претходна опомена од Агенцијата во тек е спроведување на една постапка за порамнување. Во изминатото тримесечје Советот на Агенцијата донел две одлуки за промена на сопственичката структура, на една регионална телевизиска станица и на една регионална радиостаница. Првпат по стапувањето во сила на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е доделена дозвола по пат на јавен конкурс и тоа за радиоемитување.

Дел од активностите на АВМУ, по распишувањето на предвремените парламентарни избори, што подоцна беа одложени, беше и почетокот на мониторингот на 24 часовната програма на националните телевизии и радија со акцент на информативната програма. Заради непочитување на одредбите од Изборниот законик Агенцијата  поднесе три прекршочни пријави против три национални телевизии.

На состанокот на АВМУ беше презентиран и предлогот на Европската комисија за измена на аудиовизуелната директива. Предлозите на ЕК генерално се фокусираат на областите: одговорност за платформите за споделување видеа (video-sharing platforms), поцврста и независна улога на медиумските регулаторни тела, повеќе европска креативност, односно зголемен процент на европски дела и поголема флексибилност за радиодифузерите во поглед на рекламирање, пласирање производи и спонзорство.

Како што информираа од АВМУ, за крајот на август годинава се пролонгира заокружувањето на проектот ИПА 2011 со кој Агенцијата обезбеди опрема за мониторинг на медиумските содржини. Прологирањето е поради потребниот дополнителен рок за тестирање на опремата. За опремата Агенцијата преку европските фондови доби 839.608.000 евра, а учествува со 209.902 евра. Системот треба да овозможи прием на сигналите од сите радиодифузери кои имаат дозвола, како и за операторите на јавни електронски комуникациски мрежи. Ќе се обезбеди 24 часовно континуирано снимање на емитуваната програма и снимки во времетраење од 90 секунди.