Македонија
29. January 2020 - 16:20

Втор ден стручна дебата за законот за јавно обвинителство

Во Собранието продолжи стручната дебата за законот за јавното обвинителство, на која и денеска се присутни и ги слушаат забелешките министерката за правда Рената Треневска Дескоска, државниот обвинител Љубомир Јовески, професори, членови на работните групи и пратеници.

За професорот Александар Климовски работниот текст на законот е спротивен на Уставот, како и претходно законот за СЈО. За него носењето на овој закон нема врска со евроинтеграцискиот процес и не е услов за добивање датум. Тоа прашање, според него, ќе биде отворено кога ќе започнат разговорите за поглавјето за правосудство.

Во делот на стручните забелешки за содржината на законот, Климовски упати критики за повеќе членови кои се однесуваат на нееднаквиот третман на јавните обвинители, именувањето и изборот на јавните обвинители и други членови. Во делот на изборот на обвинители кажа дека на тоа треба да имаат право и професори по право, особено на правосудни предмети и адвокати со долгогодишно искуство.
 
Според него, законот не може да определува кој обвинител ќе ги води предметите.

Џабир Дерала од НВО Цивил позитивно го оцени текстот и дека дава сериозна поддршка за владеење на правото и дека носењето на овој закон е тест за патриотизам за пратениците.

Според него, ако овој парламентарен состав не го донесе законот ќе остане запаметен само по „27 април“.

Опозицијата, како што кажа, сака уништување на бомбите со законски одредби, но тоа не може да се случи.

– Надвор од оваа зграда расте гневот бидејќи оние што ја зарабоија уште се на слобода, рече Дерала, по што следуваше реакција на дел од пратениците и присутните во салата.

Професорот Александар Даштевски ја поздрави дебатата која е препорака на Венецијанската комисија и чија цел е растење на довербата кај граѓаните. Законот е потребно да се донесе со консензус, а не да се носи со сила.

Тој смета дека со законот му се даваат преголеми надлежности на обвинителот што ќе раководи со обвинителството за организиран криминал и корупција.

Професорот Никола Тупанчевски, меѓу другото, смета дека доколку се сака да се продолжат случаите на СЈО тоа не може да биде како што е сега бидејќи има повреда на стварната надлежност. Тој вели дека не може јавен обвинител во основно јавно обвинителство да ги води овие случаи туку обвинител од јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Тупанчевски зборуваше и изнесе низа предлози, кои според него ќе го подобрат текстот.

Јавната дебата треба да заврши во 18 часот.