Македонија
16. October 2018 - 19:04

Втор ден дебата во парламентот -Мицкоски бара можност да зборува од собраниската говорница

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара лидерот Христијан Мицкоски да се обрати во паралементот на пленарната седница за владиниот предлог за пристапување на измени на Уставот. Со допис од партијата побарале Мицкоски, кој не е пратеник,  пред народните избраници да ги изрази своите погледи и ставови кон, како што се вели во писмото, ова чувствително прашање. Но, писмото Џафери го вратил бидејќи не било испратено до претседателот на Собранието. Поради ова предлогот Мицкоски да се обрати од собраниската говорница јавно го даде координаторот Данев. Но Џафери, повторно го одби.

Данев потсети и на обраќањето на Филип Петровски во времето на студентските протести во 1996 година, кога тој не беше пратеник.

Пратениците на власта и опозцицијата се уште ја немаат променето реториката, а со тоа и соодносот на силите за да се даде зелено светло за уставните измени.  Пратениците на мнозинството се уште повикуваат да се гласа за промените на Уставот, додека оние на ВМРО-ДПМНЕ дека референдумот беше неуспешен и немаме мандат да гласаат за нив. Сепак, и тие бараат да се постигне конзенсус, пред се помеѓу политичките лидери.

На пленарната седница првично беа пријавени за збор 66 пратеници, 20-тина од нив веќе го искористија ова право. Но на крајот од вториот ден, дел пратеници веќе и се откажуваат од тоа да говорат. Собраниската седница во оваа првата фаза измени на највиоскиот правен акт може да трае најмногу 10 дена.