Македонија
21. May 2016 - 16:23

Втор ден блокада на граничните премини кон Грција

Втор ден во Грција може да се влезе единствено пеш. Поради штрајкот на грчките цариници кој започна вчера наутро рампите  на граничните премини Дојрани – Стар Дојран и Ники – Меџитлија остануваат спуштени и денес.

На овие два премини сообраќајот е во целосен прекин за сите видови возила.

Штрајкуваат и цариниците на граничнит премин Евзони , но таму исто како и во текот на вчерашниот ден повремено, односно  после секои два часа прекин се пропуштаат патнички возила и автобуси во траење од петанесетина минути по што рампите повторно се спуштаат. За товарните возила исто како и на другите два премини транзитот не е дозволен па тие можноста за премин на границата ќе ја добијат откако ќе заврши штрајкот.

 Од граничниот премин Богородица велат дека и покрај штрајкот на нивните грчки колеги на македонска страна некои поголеми гужви не се создадени бидејќи најголемиот дел од патниците веќе биле информирани за одлуката на грчката царина па затоа бројот на патниците бил преполовен во однос на останатите викенди. 

Тридневниот штрајк на грчката царина кој започна вчера  според најавите ќе трае до понеделник наутро. Истиот го организира тамошната федерација на цариници поради новиот пакет мерки донесени од страна на грчката влада.