Македонија
17. September 2015 - 17:37

Врвни професори од прашката филмска школа ќе предаваат на филмската академија во Охрид

Професори од петтата најстара филмска школа во светот ”ФАМУ” од Прага ќе предаваат на Институтот за филм во Охрид. Експерти од реномираната филмска и телевизиска чешка школа ќе го збогатуваат знаењето на студентите и дополнително ќе ги доближат до светските стандарди. Заменик министерот Спиро Ристовски во интервју за НЕТПРЕСС вели дека програмите се прилагодени согласно принципите и долгата традиција на филмската школа, но се во склад и со домашните стандарди. Филмската академија која годинава нуди постдипломски програми за сценаристика, драматургија и креативна продукција треба да биде местото каде ќе се оформат нови режисери и сценаристи. Значајно е и тоа што ќе се образуваат кадри од сите земји од регионот, а министерството за образование и наука ќе додели 20 стипендии.

Со цел на најдобрите студенти да им се овозможи студирање без разлика на финансиската состојби, МОН ќе додели 20 стипендии, истакна Ристовски.

Професорскиот тим кој во Охрид ќе пристигне од Прага ќе даде поголема тежина на програмите бидејќи токму од ФАМУ поттекнуваат еминентни режисерски, продуцентски и сценариски имиња познати во европски и светски рамки.