Свет
11. March 2017 - 21:25

Врие полиција, спречен терористички напад во трговски центар во Есен

Германската полиција соопшти дека спречила терористички напад, откако, дејствувајќи по дојава, одлучила да затвори трговски комплекс во градот Есен, јави ДПА.

Портпаролот на полицијата изјави дека властите имале „многу конкретни докази“ дека денеска се подготвувал терористички напад во трговскиот центар.

Претходно денеска, претставник на полицијата за ДПА изјави дека добиле информации од „надворешни служби“, дека трговскиот центар требало да биде цел на терористички напад.

Предупредувањето е добиено пред отворањето на трговскиот центар, но полицијата го затворила за да ги евакуира вработените и да изврши темелна инспекција.

Молот - еден од најголемите во Германија, со над двесте трговски објекти и над 60.000 посетители во саботните денови, остана затворен во текот на целиот ден. Затворени беа и големиот паркинг, како и соседната метро станица.

Според радиото „Вестдојчер рундфунк“, терористичкиот напад со користење на експлозивна направа бил планиран од страна на припадници на „Исламска држава", пренесе ТАСС.

Во врска со инцидентот, двајца мажи во блискиот град Оберхаузен се приведени на сослушување, но полицијата вели дека тие не се потенцијалните сторители.