Свет
25. April 2019 - 11:59

Врховна рада: Украинскиот е единствен официјален јазик

Украинскиот Парламент денеска изгласа закон според кој украинскиот јазик е единствен официјален јазик во земјата.

„За“ законот гласаа 278 пратеници, а за негово усвојување потребни беа најмалку 226 гласа.

Според одредбите на законот сите граѓани сега мора да го користат украинскиот јазик во сите сфери на животот, а примената на законот ќе биде контролирана од „инспекторите за јазик“, кои ќе бидат присутни на седниците на сите државни органи, ќе бараат документи од јавните организации и од политичките партии, а за непочитување на законот ќе може парично да казнуваат.

Кога нацрт законот беше претставен предизвика бура во јавноста во Украина и во странство. Комесарката на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ побара од претставниците на националните малцинства да се вклучат во изработка на законот, додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е загрижена поради кршење на јазичките и образовните права на националните малцинства и поради тоа Москва испрати писма до Европска Комисија, СЕ, ОБСЕ и НАТО.