Македонија
11. April 2017 - 17:44

Врховен суд: СЈО во реакцијата изнесе доверливи информации

Специјалното јавно обвинителство со својата вчерашна реакција за барањето на Врховниот суд на Република Македонија објави податоци кои се од доверлив карактер, реагира денеска Судот. Од Врховен суд сметаат дека непостапувањето на СЈО по барањето за информација на Судот е спротивно на законските прописи и апелираат обвинителството да го примени начелото на итност при постапувањето по барањето.

- Врховниот суд на Република Македонија ја информира јавноста дека на 10 април 2017 година беше објавено соопштение во кое не беа наведени подетални податоци за тоа каква информација е побарана од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, од причина што барањето на Врховниот суд на Република Македонија има ознака доверливо. Во реакцијата на ова обвинителство беа објавени податоци од доверлив карактер, се вели во соопштението од Судот.

Оттаму потенцираат Врховниот суд на Република Македонија е самостоен во одлучувањето и не користи правна помош од правни советници или информатори при носењето на своите одлуки.

- Појаснуваме дека сме свесни за итноста на постапките кои се водат пред Врховниот суд на Република Македонија и дека соодветно и итно ќе одговориме на барањата на ова обвинителство. Потенцираме дека непостапувањето на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, по барањето за информација на Врховниот суд на Република Македонија е спротивно на законските прописи и затоа апелираме обвинителството да го примени начелото на итност при постапувањето по барањето на Врховниот суд на Република Македонија, се вели во соопштението.

Специјалното јавно обвинителство вчера соопшти дека нема да обезбеди одговор на барањето на Врховен суд на Република Македонија со цел да не се влијае на исходот на постапката.