Македонија
27. September 2016 - 16:17

Врховен ги враќа тенковски делови на повторно судење - Бучковски по трет пат на судење

Врховниот суд целосно ги укинал пресудите на пониските судови и предметот  „Тенковски делови“ го врати на првостепениот суд на повторно одлучување.

Судечки совет на Врховниот суд ваквата одлука ја донел откако го прифатил барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот и по извршената ревизија ги укинал претходно донесените пресуди.  

Одлуката, како што потврдуваат од Враховниот суд е донесена и потпишана. Станува збор за случај во кој меѓу обвинетите се најдоа и тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски, како уште неколкумина вработени во МО и директорот на „МЗТ ФОП“.

Одлуката на Врховниот суд за враќање на постапката од почеток, ќе значи дека кривичен суд ќе треба по трет пат да почне судење за случајот со резервните тенковски делови, предмет кој се решава цели девет години. 

Случајот датира уште од крајот на 2001 година, кога Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата „МЗТ ФОП“ нарачале резервни делови за тенковите „Т 55“. Шест години подоцна Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка.

Уште на првичното судење обвинетите се обдуваа да докажат дека се работи за приоритетна набавка, со оглед на тоа што се работи за година во која се случи воениот конфликт, но и со објаснувања дека токму Министерството за одбрана не го испочитувало договорот со тоа што не платило за нарачаните делови, а целиот случај завршил на суд, каде што интересите на државата ги застапувало Државното правобранителство.

Судот најде вина кај сите обвинети и ги осуди на ефективни затворски казни, но Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда и процесот го врати од почеток. И на повтореното судење, беа изречени затворски казни.

Врховниот суд сега одлучил позитивно по барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.