Македонија
15. July 2019 - 17:57

Временските услови причина за загаденоста на водата во езерото

Загаденоста на езерската вода на потегот од Самоиловата тврдина кон  камповите Партизан и Младост е предизвикана како резултат на временските неприлики изминатиов период и нефункционирањето во целост на колектроскиот систем и капацитетите на пумпните станици тврди директорот на Проаква Алексиоски. Тој вели дека станува збор за долгогодишен проблем , каде повремено загаденоста на водата е од трета класа во крајезерските населби Воска и Даљан.

 Алексиоски истакна дека во текот на викендот екипи од јавното претпријатие  интервенирале кај Грашница на дел од канализациониот и колекторскиот систем  и потенцира дека повеќе нема влевање на непрочистени води во езерото .

Од општина Охрид очекуваат ваквата состојба да биде надмината со формирањето на новото државно Јавно претпријатие „Колекторски систем“, кое ќе ги преземе обврските за одржување, обновување и продолжување на колекторскиот систем.

Инаку забраната за капење на овој потег од охридското езеро сеуште трае денеска од Центарот за јавно здравје земени се нови мостри кои ќе бидат готови за една недела и ќе го покажат квалитетот на водата.