Македонија
13. August 2017 - 16:25

Временските неприлики предизвикаа проблем кај пчеларите

Пролетните мразови, сушата и екстремно високите летни темеператури се одразија катастрофално врз пчеларството на истокот од земјата. Пчеларите велат дека не паметат ваква година кога во кошницата нема доволно мед ниту за самите пчели.

-  Никаде нема мед. Многу ретко е некоја многу јака пчела (пчелно семејство) да има мед за неа, дали и за неа ќе има. Мора сите пчелари да ги потхрануваат пчелите, да им ставаат храна, ако сакаат да им преживеат.-изјави Томе Тонев, претседател на ЗП „Пчелар“-Штип

Друг проблем е тоа што како резултат од недастотокот од цветови и полен со кој се хранат младите пчели, пчелните семејства се се помалубројни.

Тонев смета дека надлежните служби треба да излезат на терен и да ја согледаат фактичката состојба, односно да утврдат до кој степен се редуцирани пчелните семејства. Од друга страна, недостатокот од мед ја покачи малопродажната цена на 400 денари за килограм, состојба која ја искористија трговците да увезат од странство, а да го продаваат под етикета „македонски мед“, за што пред неколку дена реагираа и од Сојузот на пчелари на Македонија.