Македонија
18. July 2018 - 13:06

Врачени уверенија за јазично и нумеричко описменување на 26 лица од КПУ Охрид

Министерот за образование и наука Арбер Адеми и постојаниот координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон денеска беа во посета на затворениците во Казнено-поправната установа за малолетни лица што функционира во рамки на Затворот во Охрид.

Тие на 19 малолетни осуденици од Казнено-поправниот дом и на уште седум возрасни затвореници им ги врачија уверенијата за успешно завршување на курсевите по македонски јазик и по математика во рамки на основното образование.

Станува збор за проект што го реализирааат Министерството за образовние и наука и Управата за санкции при Министерството за правда во соработка и со поддршка на Канцеларијата на Програмата за развој при ОН (УНДП) во Република Македонија.

Министерот Адеми изјави дека овој проект за описменување на малолетните затвореници само ја потврдува премисата дека секој заслужува втора шанса, особено кога се работи за образованието.

-  Како Министерство за образование и наука остануваме фокусирани и ќе дадеме конкретен придонес да создадеме квалитетно, истовремено достапно образование за сите. Вакви програми се реализираат и во другите установи, и во рамки на основно образовние, но и стручно оспособување, рече Адеми.

Луиза Винтон истакна дека проектот за описменување на малолетните затвореници е во согласност со мотото на ОН никој да не биде заборавен односно никој да не заостанува, изразувајќи уверување дека слични програми ќе продолжат и понатаму за сите млади луѓе кои се во поправни установи да го комплетираат образованието.

- Поголемиот дел од малолетните лица во затворите и воспитно-поправните установи немаат основно образование, што ќе биде голема пречка за нивно вклопување во општеството и да најдат работа откако ќе излезат, затоа е мошне важно тоа да се поправи. Ова е првпат ваков проект за основно образување да се спроведува во земјата и навистина ни е мило што има ентузијазам кај младите во установата за образование. Подготвени сме да ја продолжиме соработката со институциите за сите млади луѓе кои се во поправните установи да имаат шанса да го комплетираат образованието и на тој начин да им се отворат повеќе можности за понатаму, рече Винтон.

Слични проекти за јазично описменување и за обуки за готвачи, пекари, машинобравари и заварувачи за возрасни затвореници се реализирани во затворите во Куманово и Штип, со доделени уверенија за завршени курсеви на повеќе од сто лица.

Во рамки на Затворот во Охрид моментално се наоѓа единствената Казнено-воспитна установа за малолетници во Република Македонија.

Според информациите од Управата за извршување на санкции, веќе е целосно завршена изградбата на новиот Воспитно-поправен дом за малолетници „Тетово“ што се наоѓа кај селото Волковија во Општина Брвеница, односно дека за негово ставање во употреба преостанува уште објектот да биде приклучен на водоводната мрежа.