Македонија
17. December 2015 - 15:59

Врачена Повелбата „Блаже Конески“ на академик Матеја Матевски

Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Веле Смилевски денеска го врачи високото признание Повелба „Блаже Конески“ на академик Матеја Матевски.

- Бардот на македонската поезија, академик Матеја Матевски е прв добитник на Повелбата „Блаже Конески“ што се доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, со трајни белези во развојните процеси на македонската литература и со значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот, рече Смилевски при врачувањето на наградата.

Според него, со денешната средба и со врачувањето на Повелбата на поетот Матеа Матевски Друштвото му оддава почит и на големиот поет, раскажувач, есеист, книжевен истроричар, лингвист и преведувач Блаже Конески, кој со својот богат опус остави длабоки траги во повоениот развој на македонската литература, како и во областа на науката за книжевноста и лингвистиката.  

Матеја Матевски на врачувањето истакна дека му претставува голема чест што Друштвото му ја доделува оваа толку драга Повелба со името на Блаже Конески, неговиот професор, подоцнежен колега и пријател во последните негови денови.

- Ви благодарам што присуствувате на оваа свечена средба, која е чест за мене, но и заедничка почит кон Блаже Конески, нагласи Матевски.

Академик Георги Старделов, зборувајќи за творештвото на Матевски, рече дека тој е судбински поет. - Кај него и неговата поезија нема ниту трошка патетика. Ниту еден наместен или лажен гест. Тој е поет на големото отворање на енигмите на битието, што во неговите песни се распеало, отворајќи ги своите закатанчени и темни двери за да биде озарено од нејзината духовна светлина, нагласи Старделов.

Свечениот собир беше збогатен со музичка програма на гудачкото дуо Наташа Диденко, (виолина) и Александра Јаневска (виолончело).

Матеја Матевски (Истанбул, 1929) е автор на богат и значаен поетски опус. Првата стихозбирка „Дождови“ ја објавил пред 60 години, смело афирмирајќи ги новите модернистички тенденции кои оттогаш до денес се проткајуваат во сите важни фази од развојот на современата македонска литература. Неговата поезија е презентирана во посебни книги на 25 јазици во светот.

За своето творештво Матевски е добитник на врвни книжевни награди што се доделуваат кај нас и во светот, меѓу кои и на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Тој е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година, а бил претседател на ДПМ и на Македонската академија на науките и уметностите.

Повелбата „Блаже Конески“ неодамна ја востанови ДПМ во знак на чествување на големиот поет и прв претседател на македонската писателска асоцијација Блаже Конески и ќе се доделува на секои пет години.