Вработените во штипската болница бараат трансформација на нивните договори
Околу 60 хигиеничарки, болничари и останат технички персонал во штипска клиничка бара итна трансформација на договорите за работа, од договор на дело, на неопределено време. На нивна иницијатива утринава се сретнаа со првиот човек на болницата, за да најдат решение за нивниот повеќегодишен проблем.
- Заклучивме дека најважен дел е на тие луѓе да им се реши статусот, односно да бидат примени на неопределено време. Ние се уште го чекаме одговорот за одобрување на нови вработувања што ги имаме побарано пред 2-3месеци. Се уште немаме одговор, позитивно мислење за да го спроведеме огласот, изјави Ален Георгијев, Директор на Клиничка болница-Штип.
До конечно решавање на нивниот статус, побарале и покачување на паушалот. Сепак Георгијев не можел да им вети зголемување на хонорарот, зашто тоа ќе зависи од буџетот на болницата за следната 2024-та година.
- Многу е полесно кога бројот на таквите вработени е помал, но овде се работи за 50 до 60 лица, ние мора да имаме некоја рамка во која може да се движиме, односно да потрошиме. Инаку, ние месечно за исплата на вработените кои се договор на дело трошиме околу 1,5 милион денари- додаде Георгијев.
На неопределено време во моментот во болницата се вработени само 5 хигиеничарки. Последен пат оглас за 16 работни места во штипската Болница беше распишан во јули годинава, но само за медиицински кадар, а техничкиот персонал е ставен на чекање и повеќе од 4 години.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар