Бизнис
29. March 2018 - 20:47

Вработените во Еурокомпозит со блокада на Прилеп- Скопје бараат смена на менаџментот

Вработените во „Еурокомпозит“ денеска повторно во траење од 2 часа го блокираа патот Прилеп-Скопје откако не им се исполни нивното барање за смена на менаџерскиот тим. Велат дека иако неколку пати добивале ветување за ова од вицепремиерот Анѓушев тоа не се исполнило. Сега потенцираат дека ќе продолжат со блокадите се до смена на директорите.

„Единствено барање ни беше смена на директорите за кои се зборуваше дека имаат направено криминал. Не баравме ниту поткревање на плата, ниту подобрување на условите за работа, кои ги немаме“, вели Цветан Бунтески, вработен во „Еурокомпозит“.

Претходно 10 мина од синдикалниот одбор добија решенија за суспендирање, а директорот Кузески истакна дека решенијата ги добиле поради тоа што го нарушувале работниот ред и дисциплина. Поради оваа одлука сите 260 вработени се солидаризираа со синдикатот и ја прекинаа работата, обвинуваат за притисоци.

„Суспендирани сме поради тоа што дадовме изјава надвор од кругот на фабриката. Пред тоа го замоливме директорот да ги пушти новинарите во кругот, но тој не ни дозволи“, рече Трајко Илиоски, вработен во „Еурокомпозит“.

Доколку не се исполни барањето од утре вработените најавуваат зголемување на времетраењето на блокадата на патот Прилеп – Скопје.