Македонија
12. February 2018 - 13:55

Вработените од „Еурокомпозит“ еден час го блокираа патот Прилеп-Градско

Вработените во прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ денеска од 11 до 12 часот го блокираа магистралниот пат Прилеп-Градско на излезот од градот пред превојот Плетвар.

Според претседателот на синдикатот Роберт Богданоски, не се откажуваат од своите барања за исплата на бруто плата и на заостанатите плати и придонеси и бараат средба со претставници на Владата за крајно решавање на нивната состојба.

- Досега со никого немаме преговарано, ниту со директорите, ниту со претставници од Владата, но ние не се откажуваме со протестите додека некој не најде слух да не слушне и да не разбере. Барањата остануваат исти, исплата на бруто плата и на заостанатите плати и придонесите кои не се платени од јуни 2012 година. Ако треба ќе појдеме и пред Владата да протестираме, изјави Богданоски.

Синдикатот потврди дека е поднесена кривична пријава против директорите на „Еурокомпозит“.

- До Полицијата и до прилепското Основно јавно обвинителство поднесовме кривична пријава против генералниот директор Александар Кузески и против директорот на ДООЕЛ „Композитна опрема“ Тони Дукоски. Се сомневаме дека околу 90.000 евра, пари авансирани од Владата за сработено во фабриката „Еурокомпозит“ се префрлени на ДОООЕЛ „Композитна опрема“, а оттаму на непостоечка фирма „Ројал логистик интернационал“ од село Велгошти, сопственост на Тони Дукоски, директорот на ДООЕЛ „Композитна опрема“. Бараме надлежните да ги преиспитаат наводите од кривичната пријава, рече Богданоски.

Работниците и гранковиот синдикат СИЕР не се согласуваат со барањето на директорот Кузески да работат со аванс од 5.000 денари до евентуална продажба на фирмата, зашто, велат, директорот толкави патни трошоци веднаш си наплаќа.

- Тоа со години го слушаме, а обиди за продажба на компанијата има 20 години. Освен тоа, според Законот за работни односи, работодавците и сопствениците на фирмата се должи да преговараат за заемно прифатливо решение, но никој досега не реагирал. Изјавата за работење за 5.000 денари е несериозна, зашто секој работник месечно треба да зема барем 12.000 денари. Се надевам дека ситуацијата сериозно ќе се сфати, а синдикатот, и гранковиот СИЕР се подготвени да разговараат, посочи Лазар Ангелески, претставник на гранковиот синдикат СИЕР при Сојзуот на синдикатите на Македонија.

На барањето директорот на „Еурокомпозит“ да ги коментира состојбите и кривичната пријава, тој рече дека наскоро ќе се огласи со демант.