Македонија
18. April 2019 - 18:17

Вработените на „Еврокомпозит“ најавуваат штрајк со глад

Вработените во Еурокомпозит од утре ќе штрајкуваат со глад доколку вицепремиерот Анѓушев не се сретне со нив. Велат дека ќе протестираат додека не се решат проблемите во комбинатот. Работниците кои во шатори спијат пред Влада денеска се обидоа да ја блокираат Илинденска за да извршат притисок за средба со Анѓушев, но поради малиот број не им било дозволено да го сторат тоа. 

Од кабинетот на вицепремиерот велат дека кога тој ќе биде на работното место во Владата вработните ќе бидат повикани на средба со него. 

Работниците вчера протестираа пред Владата по што беа примени на состанок. Но тој не вроди со плод. Оттаму само биле замолени за решение да почекаат до понеделник.

Работниците од Еурокомпозит подолго време си ги бараат 18те заостанати плати, неисплатените придонеси за речиси 7 години, како и ветената отпремнина бидејќи дел од нив доброволно прифатија да се прогласат за технолошки вишок. Само вработените во комбинатот имаат побарувања од околу 5 милиони евра.