Бизнис
28. December 2019 - 14:02

Вработени 60 Роми со проект на граѓански здруженија од Виница и Кочани

Граѓанските здруженија „ИНИ“ од Виница и „Авена“ од Кочани успешно го завршија проектот „И ние имаме права“, со кој 60 лица од ромска националност од двете општини добија работен ангажман на неопределено време.

Целта на едногодишниот проект беше да се активира стратешкото партнерство со институциите во Кочани и Виница за да се подобри образовната инклузија на децата Роми, пред сè со детектирање на трудовата експлоатација, дискриминацијата и насилството на кои се изложени тие и во намалувањето на таквите состојби, беше истакнато на завршната прес-конференција.

– Со проектот сериозно се сфатија причините за меѓугенерациската сиромаштија и трудовата експлоатација врз децата Роми, и од страна на институциите и од страна на граѓанскиот сектор. Четириесет отсто од родителите на децата Роми кои се вклучени во сезонска работа и кои не посетуваат редовна настава, укажаа дека не се вработени и немаат средства за егзистенција. Со ангажман на граѓанскиот сектор беше изготвена мерката „Општинско корисна работа“ преку која само во Виница работно се ангажирани лица од 11 ромски семејства кои даваат услуги и добиваат надоместок, а не им е укината социјалната помош. На тој начин нивните деца се вклучија во образовниот процес, а родителите добија социјална сигурност. Слична е состојбата и во општина Кочани, каде вработување во локалните компании најдоа лица од четириесетина ромски семејства, истакна Тодор Цонев, претседател на здружението „ИНИ“.

Од двете граѓански здруженија нагласија дека важна придобивка од проектот е што и во двете општини се формираа совети за социјална заштита кои ќе ја следат состојбата и заедно со граѓанскиот сектор ќе ги елиминираат сите предизвици што влијаат врз зголемувањето на меѓугенерациската сиромаштија, односно против вклучувањето на децата Роми во сезонското работење.

Проектот „И ние имаме права“ се реализираше во рамки на програмата „Стратешки партнерства за развивање социјална агенда за промени” финансирана од ЕУ, а со поддршка од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена порта“.