Македонија
12. September 2020 - 12:45

Вработена во градинка во Свети Николе позитивна на коронавирусот

Вработената во светиниколската детска градинка „Рахилка Гонева“, Клон 1 е позитивна на КОВИД-19, покажаа и официјалните резултатите од тестирањето. Поради тоа што имала симптоми на коронавирусот, во средата вратите на овој објект не беа отворени за 110 деца.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА појасни дека вработената е од техничкиот персонал која учествуваше во припрема на приемот на дечињата, а во понеделникот покажала симптоми на КОВИД-19.

–Резултатот од тестирањето е позитивен, со што се потврди исправноста на нашата одлука за непочнување со работа на Детската градинка во Клон 1 и прием на дечињата. Врз основа на овие информации, уште денеска е извршено вонредно дезинфицирање на сите простории и дворот во градинката од страна на Центарот за јавно здравје – Велес, рече Велковски.

Раководството на градинката очекува епидемиолошките и другите надлежни служби да дадат комплетна епидемиолошка слика, а потоа и зелено светло за старт на работа на градинката „Рахилка Гонева“ Клон 1 наредните денови , согласно Алгоритамот и Протокол за работа на градинките.