Македонија
3. September 2019 - 16:33

Воздухот во Карпош загаден цел месец - надлежните ги пријавиле загадувачите

Жителите на Карпош 4 речиси цел месец дишат загаден воздух. Според надлежните, главна причина за загадувањето периодов е што жителите на Општина Сарај секојдневно ги палат нивите, а чадот се шири и во соседните општини. Граѓаните алармираат дека загадувањето особено се чувствува навечер. Од О2 иницијативата потенцираа дека мерните станици на Министерството за животна средина престанале да работат после зачадениот викенд во градот, откако претходно мерната станица во Карпош покажа присуство на над 140 ПМ10 честички.

“Мобилната станица поставена во Ѓорче не покажа ништо, зошто инструментите за ПM10 и ПM2.5 се калибрираат од јуни, иако беше кажано дека во тек на август заедно со тие од Куманово, Тетово, Битола 2 ќе бидат повторно вклучени во системот. Еве септември стигна и нема никакво поместување. За тие пак што не работат од лани, Гази Баба, Лисиче, Велес, за нив судбината и после повеќе од година дена е матна”, обвинуваат од О2 иницијативата преку социјалните мрежи.

Велат дека вака е секоја година во ова време. Никому ништо работава, нема објава ни зошто, ни од каде, ни што ќе се преземе за да не се повтори. Молк на надлежните ни инспектори и градоначалници, пишуваат од О2.

По пријавите од граѓаните, градоначалникот на Карпош интервенирал во градскиот Инспекторат.

“Зошто пријавив таму? Бидејќи имаме неколку слики и видеа од чад кој што во континуитет произлегува од атарот на општина Сарај, или можеби делови од општина Ѓорче Петров, особено делот кај Крушопек и Лака.”, изјави Стефан Богоев, градоначалник на општина Карпош.

Со цел да се заштити животната средина и да не се палат нивите, Град Скопје организира бесплатно собирање на остатоците од нивните. Оваа мерка за бесплатно чистење на стрништа ја искористиле само неколкумина земјоделци.

Заменик министерот за животна средина вели дека се спроведува стратегијата за намалување на загадувањето.

Но, еден од нерешените проблеми и натаму е депонијата со канцероген линдан во фабриката Охис, чие чистење требаше да се случи есенва.

“Треба да се избере компанија која што треба тоа да го направи. Кај нас знаењето на нашите компании, за жал, се послаби. Очекуваме повеќе меѓународни комапнии тука да бидат присутни”, вели Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање.

Заменик министерот вели дека наскоро ќе се објави и мерката за државни субвенции за набавка на инвертори во домаќинствата.