Македонија
9. јуни 2017 - 13:35

Воздухопловната бригада при АРМ прослави 25 години од основањето

Еден од тие предизвици кој стои пред сите нас, пред вас припадниците на АРМ и пред нас кои обезбедуваме поддршка на вашите реформи и вашата работa е зачленувањето во НАТО, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на воена свеченост по повод денот на воздухопловната бригада (ВБР), истакнувајќи ги успешните мисии и вежби на ВБР организирани од НАТО како и учеството во мисијата на ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

- Ни претстои период на сериозни реформи во кои е потребно активно, одговорно и отчетно учество на секој од нас во функција на одржување и остварување на сите цели и задачи кои сме ги поставиле. Убедена сум дека военото воздухоплоство е подготвено успешно да одговори на овој предизвик како што одговори на предизвиците досега, истакна Шекеринска.

Порача дека не смее да се заборави улогата на воздухопловната единица при справувањето со различни елементарни непогоди која ја погодија нашата држава  во минатото особено нивниот ангажман при гасење на пожарите и справување со други катастрофи.

- Граѓаните на Македонија како цивили мислат на безбедноста тогаш кога им е загрозена, но вие мислите на нашата безбедност секој ден во текот на вашата служба. Персоналот на военото воздухопловство и воздухопловите на АРМ секогаш беа подготвени да помогнат на населието кога имаше потреба, рече Шекеринска.

Потенцира дека како министер за одбрана ќе се залага да се надминат проблемите за кои, како што рече, е информирана дека во минатиов период поради неповолни материјално-технички услови активностите во воздухопловната бригада бележела стагнација. 

Командантот на Здружената оперативна команда Зоран Милески ја истакна улогата на воздухопловната бригада во обезбедувањето на воздушната поддршка и транспорт на единиците на АРМ во набљудувањето на воздушниот простор на Македонија, во противвоздушната одбрана како и во учеството во операции за поддршка на мирот надвор од државата.

- Горди сме на вашето учество во мисијата на АЛТЕА од каде што се вративте со врвни признанија. Со вашата работа и професионализам ја презентиравте верноста кон татковината, посветеноста на професијата, преданоста и секако горди сме на вашата храброст како војници и амбасадори на мирот, истакна Милески.

Командантот на ЗОК информираше дека во изминатиот период бил извршен ремонт на дел од хеликоптерите, дел се во постапка на ремонт и дека ќе се продолжи со опремување на единицата со најсовремени борбени системи и опрема.

Командантот на воздухопловната бригада Роберт Малезански потсети на почетоците на бригадата пред 25 години кога првпат полетале над територијата на Република Македонија.

- Почетоците беа следени со низа предизвици. Од скоро ништо и со скромни средства требаше да се изгради воздухопловна воена сила способна за одбраната на татковината. Благодарение на мотивираноста и високиот морал на воздухопловците, нишката на таа приказна мачно, но сигурно се плетеше, истакна Малезански.

На свеченоста беа соопштени наредби за унапредување и стекнување на звање пилот, а беа доделени и стимулативни мерки за остварени резултати во работата.

Постоењето на ВБР се темели врз одлуката на Претседателот на Република Македонија од 10 април 1992 година, со која е формирана командата на воено воздухопловство и против-воздушната одбрана на АРМ во чиj состав влезе авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон. Во 2005 година воздухопловната бригада се трансформираше во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година кога повторно се формира воздухопловна бригада во составот на Здружената Оперативна Команда.