Македонија
2. August 2021 - 16:50

Воз удри во мигрант на пруга, зголемен бројот на транзитирање низ државата

Расте бројот на мигранти кои минуваат низ Македонија. Граѓанските здруженија сметаат дека дневно низ државата транзитираат над 200 луѓе. Планински патеки, реки, железничката пруга се најчестите рути кои мигрантите ги користат за да стасаат од јужната до северната граница на државата. Дека е зголемен бројот, сведочи и велешанката Здравкин, чиј дом покрај пругата, важи за попатна станица на мигрантите.

Долгото пешачење, вели Здравкин, честопати завршува и трагично. Последната несреќа е регистрирана вчера кај Неготино. Товарен воз кој сообраќал кон Скопје удрил во мигрант кој се движел по пругата, па со тешки повреди бил транспортиран во кавадаречката болница. На исто место, пред три недели, воз удри во 12 члена група мигранти. Eден го загуби животот, на друг, во велешката болница му била ампутирана ногата.

Авганистан, Пакистан и Бангладеш се земјите од кои во моментов доаѓаат најголем дел од мигрантите.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во првата половина од годинава, биле спречени близу 7 и пол илјади обиди за влез во државата преку јужната граница.. Високата метална ограда, освен македонското МВР, ја обезбедуваат уште полиции на седум европски држави..

Најголемата несреќа во која жртви беа мигранти се случи пред шест години на пругата Велес-Скопје кога во една вечер беа прегазени 14мина бегалци..