Македонија
17. January 2020 - 17:22

Вооружен грабеж во НЛБ банка во Ѓорче Петров - за време на разбојништвото во банката имало клиенти

Вооружен грабеж во експозитурата на НЛБ Тутунска Банка во Ѓорче Петров. Нема повредени во разбојништвото, што се случи околу 11 часот претпладне. Во моментот во банката имало и службеници и клиенти.

Вработените во околните дуќани и жителите од околината велат дека грабежот бил без никаква бука и дека не чуле ништо.

Сè уште нема информации колку пари се украдени и дали била ограбена само банката или и клиентите кои во моментот се наоѓале во филијалата. Од Министерството за внатрешни работи ќе ги соопштат деталите откако ќе го добијат извештајот од увидот, што заврши доцна попладнево.

“Утрово во 10:50 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. Војвода Васил Чакаларов во експозитура на НЛБ Тутунска Банка 3 вооружени лица одзеле сума на пари и веднаш потоа го напуштиле објектот”, информираат од МВР.

За помалку од една година ограбени се три експозитури на НЛБ Тутунска Банка во главниот град. Во април лани од филијалата во Чаир беа украдени 150.000 евра, а само 3 месеци потоа беше ограбена и експозитурата во Сарај. Оттаму крадците си заминаа со 115.000 евра. И за двата случаи до сега нема информации дека се пронајдени сторителите. Најголемиот грабеж се случи во 2017 година, кога вработени во банката од трезорот украдоа 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. Четворицата соучесници ја признаа вината, а највисоката изречена затворска казна беше 9 години и два месеци. Иако во рок од една година требаше да ја надоместат штетата на банката, парите сè уште не се пронајдени.