Македонија
7. December 2017 - 16:30

Вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, интересот за лидерската позиција расте

ВМРО-ДПМНЕ во сабота го свикува Централниот комитет кој се очекува да ја потврди одлуката за свикување на партискиот  Конгрес на кој се очекува да се констатира оставката на лидерот Груевски. Две недели подоцна, Фестивалската сала во Валандово ќе биде домаќин на 560 делегати на вонредниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кои со тајно гласање ќе го изберат новиот лидер на партијата.

Во јавноста се шпекулира со имињата на повеќе кандидати, но до овој момент, никој официјално не поднел кандидатура до партијата.

Пред два дена, генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски беше првиот кој јавно најави можност за кандидатура.

Покрај него, во игра се уште и членовите на Извршниот комитет, Антонио Милошоски, Никола Попоски и Илија Димовски. Ниту еден од нив не сака официјално да потврди дека влегува во претседателската трка иако сите велат дека не можат да демантираат дека сепак ќе се кандидираат за фотелјата на Груевски.

Надвор од раководните структури на партијата во игра неофицијално влегува и политичкиот аналитичар Александар Пандов. И тој не сака ниту да ја потврди ниту демантира информацијата дека ќе атакува на лидерската позиција.
Сите потенцијални кандидати велат дека ќе се водат од интересите на партијата и дека немаат намера нивната кандидатура да предизвика било какви недоразбирања во базата. Коментираат дека кој и да биде новиот претседател, по Конгресот потребно е да се збијат редовите и заеднички да се врати партијата на Власт.

Партиски извори велат дека вонредниот Конгрес најверојатно ќе биде искористен и за да се направат измените во партискиот Статут кои подолг период биле планирани. Неофицијалните информации велат дека партијата ќе се реструктуира организационо а лидерот ќе добие свои потпретседатели.

Валандовскиот Конгрес треба да го даде третиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ во тридецениската партиска историја на македонската политичка сцена