Балкан
14. February 2021 - 8:46

Вонредни парламентарни избори во Косово

Косовските граѓани со право на глас денеска ќе гласаат на вонредните парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Официјалната кампања за овие, осми по ред, повеќепартиски избори во повоено Косово, започна на 3 февруари, а за следење на изборниот процес се акредитирани околу 20.000 набљудувачи, кои доаѓаат од политички субјекти, медиуми, амбасади, невладини организации и други организации.

На годинешните општи избори учествуваат 28 политички субјекти сертификувани од Централната изборна комисија (ЦИК), при што нема ниеден независен кандидат.

За 120 места во косовскиот Парламент се натпреваруваат 1.068 кандидати.

Право на глас, според конечниот список на гласачи што го објави ЦИК, имаат 1.794.862 лица, што е за 143.006 помалку во споредба со последниот изборен процес во земјата – вонредните парламентарни избори од 6 октомври 2019 година. Намалувањето на бројот на лица со право на глас се должи пред се на бришењето од гласачкиот список на над 122.000 граѓани кои поседуваат единствено лични документи издадени од УНМИК, а во меѓувреме починале и нешто повеќе од 11.000 лица.

Оценка на медиумите и набљудувачите е дека кампањата помина мирно и без инциденти, со одредени прекршувања на изборниот кодекс, како што е употребата на деца во кампањата, притисоци врз гласачите да гласаат за одредени субјекти, истакнување изборни плакати на јавни места и слично.

Најмногу забелешки, а и парични казни за политичките партии, имаше поради непочитување на Законот за превенција и борба против Ковид-19 на предизборните митинзи.

Овие вонредни парламентарни избори во Косово ќе се одржат откако во ноември минатата година Уставниот суд го оспори легитимитетот на Владата на Авдулах Хоти, затоа што за нејзиниот избор гласал еден пратеник кој немал право да биде член на законодавниот дом поради правосилна казна со затвор во последните три години. Гласот на спорниот пратеник, кој беше од партиите на помалите етнички заедници, беше 61-от глас за кабинетот на Хоти, а со неговото поништување се изгуби и мнозинството за изгласување на Владата.