Свет
20. July 2016 - 8:49

Вонредната состојба во Франција продолжена за шест месеци

Како што беше посакувано од страна на опозицијата, пратениците од Националното собрание на Франција дадоа зелено светло за ново шестмесечно продолжување на воредната состојба во земјата, по атентатот во Ница, јавува дописникот на МИА од Париз.
 
За продолжување на вонредната состојба гласаа 489 од пратениците, двајца беа против и четворица се воздржаа од гласање.
 
Ова требаше да биде само формалност, со дебата од најмногу два часа, уверуваше Социјалистичката група на Собранието. Но, синоќа, дебатата за законот, со кој по четврти пат се продолжи вонредната состојба, траеше до доцна во ноќта.
Овие бескрајни дискусии беа резултат на жешката клима меѓу политичарите предизвикана со масакрот во Ница. Од една страна, левицата која е парализирана од неодамнешните настани. Од друга страна, десницата која ја повикува извршната власт на повеќе акција и, пред сè, промена на политиката.
 
-Постои гнев и политичката класа како целина е доведена во прашање (...) Ние ќе гласаме за вонредна состојба, ако таа го штити Французите, предупреди поранешниот претседател Никола Саркози.
 
Дебатата во собранието беше многу тензична, исто како и комисииската расправа по текстот на законот.
Административните пребарувања (…) повторно ќе бидат дозволени во текот на овој период од три месеци”, се вели во текстот.
 
Друга клучна точка од нацрт законот е „запленување и експлоатација на компјутерските податоци“, одредба што беше укината од страна на Уставниот совет во февруари.
 
Членовите на оваа институција тогаш проценија дека законодавниот дом не обезбедува правни гаранции дека е обезбедена рамнотежа помеѓу „правото на почитување на приватниот живот и зачувување на јавниот ред.”
 
За да се избегне повторното укинување на таа одредба, Владата обезбеди заштитни мерки со прибегнување кон судска власт.
 
Овој пат, во членот 2 се наведува дека „запленетите податоци и нивни иматели се чуваат кај шефот на истрагата. Од самиот ден на запленувањето, никој нема пристап до нив без претходно судско одобрение”.
 
Политичкото биро на Републиканците (партијата на опозицијата предводена од Никола Саркози) минатата ноќ, побара продолжување на вонредна состојба за шест месеци. Предлог за кој постои согласност  кај власта и мнозинството.
 
Државниот совет, највисокиот административен француски суд во понеделникот донесе пресуда објаснувајќи  дека продологот за вонредна состојба од страна на владата е “оправдан”.
 
“Дури и во околности кои произлегуваат од нападот во Ница, Државниот совет (…) потсети дека обновување на вонредна состојба не може да биде на неодредено време и дека вонредната состојба мора да остане како привремена мерка“, истакна на судиите на Државниот совет.
 
Прогласена од страна на шефот на државата по нападите во Париз и Сен Дени (130 мртви) на 13 ноември 2015, вонредната состојба е продолжена од страна на Парламентот во ноември, февруари и мај. Последното продолжување беше за два месеци место  три претходно, за да се осигура безбедноста на еврото и на Тур де Франс, која завршува во недела.
 
Во интервјуто дадено на 14 јули претседателот Франсоа Оланд изјави дека нема да биде побарано продолжување на вонредната состојба, но атентатот во Ница што се случи истата вечер ја промени ситуацијата и анализите.