Македонија
16. November 2018 - 17:38

Вонредна дезинфекција во Карпош, дете од второ одделение по вторпат заразено со шуга

Дете кое посетува настава во ОУ Владо Тасевски во Карпош по втор пат за осум месеци заболело од шуга. Заразната болест кај второоделенецот ја потврдија и од училиштето.

- Поради потврдениот случај на шуга во ОУ Владо Тасевски денеска немаше настава, децата редовно ќе се вратат на училиште од понеделник.

Во текот на денот во училиштето беше направена целосна дезинфекција. Објектот го посетиле и епидемиолози од скопскиот Центар за јавно здравје.

- Кај ниту еден друг ученик не се појавени симптоми на ова заболување, а во изминатиот период, Општина Карпош направи редовна дезинфекција на училиштето. Во текот на денешниот ден ќе се направи уште една, вонредна дезинфекција. Изолираниот случај на шуга, по втор пат се појавува кај истиот ученик, поради недоволна семејна грижа за личната хигиена, соопштија од Општина Карпош.

Бидејќи кај истото дете по втор пат се појавила заразната болест од училиштето ги известиле и социјалните служби. Според првичните неофицијални информации семејството не било корисник на социјална помош.

-Тим од Центарот за социјални работи Скопје постапува по случајот и ќе утврдува во какви услови живее семејството и дали станува збор за родителска негрижа, информираат од МТСП.

Инаку според лекарите шуга се добива поради нехигиена и речиси секој ден дерматолозите регистрираат вакви случаи. Само во кожната амбуланта во Поликлиниката “Бит Пазар” вчера евидентирале 4 пациенти со оваа заразна болест.

- При обичен минимален контакт неможе да се добие шуга, потребен е подолготраен контак или преку постелнина или објекти каде седело заразено лице, зијави д-р Дејан Филиповиќ, дерматолог во Поликлиника “Бит Пазар”

Доктор Филиповиќ потенцира дека првите симптоми на осип се јавуваат после 1 месец и најчесто на рацете и стомакот, а чешањето е неподносливо посебно во вечерните часови.

Александар Динев Сител телевизија