Македонија
16. March 2020 - 19:14

Волонтерите на дебарскиот Црвен крст активни на терен

Волонтерите на дебарската организација на Црвениот крст и во овие моменти на кризна состојба, што во петокот беше прогласена во општините Дебар и Центар Жупа, им овозможија помош на лицата кои имаат потреба од храна, лекови и облека.

– Досега активна е една група од шест волонтери, која во изминатите денови доставија храна, лекови и облека во селата Гари и Лазарополе, во подрачјето на Мала Река, потоа во селото Мелничани,како и четворица возачи, кои со товарани возила останаа заглавени кај Бошков Мост. По потреба ќе активираме и други групи, вели Исни Телќиу, секретар на организацијата.

Додава дека станува збор за по еден возач од Скопје, од селото Скудриње, општина Маврово и Ростуше, како и од Србија и од Бугарија.

По барањето упатено до Оперативниот штаб на Дебар, посочува Телќиу, волонтерите доставиле облека за 81 лице кои останаа заглавени во Дебар, а сега се сместени во хотелите на „Дебарски Бањи-Цапа“.

-Главно се лица од подрачјето на Река, кои работат во Дебар или на денот на прогласувањето на кризната состојба биле во Дебар на шопинг или по лекови. Исто така има и лица од други градови од нашата држава, нагласуваТелќиу.

Во Дебар заглавени се 110 лица кои не се дебрани, од нив 21 се странски државјани,од Шведска и од Косово.