Македонија
20. јуни 2017 - 12:19

Волонтери го чистеа Градскиот парк во Скопје

Група млади активисти и волонтери од различна етничка припадност го исчистија Градскиот парк во Скопје од отпадоци. Акцијата се спроведе вчера попладне, во рамки на проектот „В џеб, ако нема каде друго!“, во организација на Движењето за едукација и унапредување на дијалогот ЛЕАД.

- Задоволни сме од акцијата. Покрај групата активисти, се приклучија и други лица присутни во Градскиот парк. Особено не прави среќни тоа што ни се приклучуваат и деца, зашто кај нив е најбитна свеста за штитење на околината, како и развивањето на меѓуетничката толеранција, имајќи предвид дека меѓу активистите се говореа разни јазици, изјави Вјоса Ајдини, претседателка на Движењето ЛЕАД.

Ова беше првата од планираните седум акции за чистење разни делови на Скопје и околината, во наредните седум месеци. Со неа почна втората фаза од „В џеб, ако нема каде друго!“. Првата се реализираше на Водно минатата година.

Покрај расчистувањето на локациите, акцијата има за цел и да ја подигне јавната свест кај граѓаните за зачувување на животната средина. Проектот е поддржан од програмата Цивика Мобилитас која ја спроведуваат НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка и Шведскиот институт за јавна администрација СИПУ.