Македонија
10. October 2018 - 17:07

Војници на АРМ стрелале во воздух на границата со Грција за да спречат нелегално минување на мигранти

Припадниците на армијата спречија нов обид за нелегален влез на мигранти на јужната граница. Војниците биле принудени да истрелаат и неколку предупредувачки куршуми во воздух. Групата мигранти кои нелегално ја поминале македонската граница биле откриени  во близина на гевгелиското село Моин за време на редовна патрола на армијата која заедно со граничната полиција од почетокот на мигрантската криза ја обезбедува јужната граница. Едно од лицата е  приведено  додека останатите побегнале и се вратиле назад во Грција.

,,При редовното извршување на задачите, при патролирање во реонот на регионалниот пат Гевгелија-с.Моин во реонот на живинарската фарма од страна на патролата на АРМ е забележано движење на група луѓе кои нелегално ја поминале граничната линија. Следејќи ги пропишаните правила и процедурите при вакви ситуации  од страна на патролата е упатено неколкупати гласно предупредување да престанат да се движат, но поради понатамошното продолжување на движење истрелани се неколку предупредувачки куршуми во воздух  по што нелегалните минувачи се вратиле назад додека еден од нив кој застанал е задржан и предаден на органите на МВР на понатамошна постапка,,  стои во писменото известување од АРМ.

Гевгелиското Село Моин беше локацијата од каде во екот на мигрантската криза во март 2016 година македонските безбедносни сили спречија обид за нелегален премин на границата на околу 500 мигранти кои организирано влегоа на македонска територија. Во непосредна близина на селото истата година се случи и еден од поголемите инциденти за време на  кризата  кога неколку групи мигранти поради тоа што не им беше дозволен премин на границата се обидоа насилно да ја срушат заштитната ограда и ја нападнаа македонската полиција при што неколку полицајци беа повредени.