Свет
25. April 2022 - 16:30

Војната во Украина влегува во третиот месец, нема надеж за преговори

Војната во Украина влезе во третиот месец, а се уште нема најави за постигнување на мировно решение. Утрово украинските власти информираа дека се гранатирани пет железнички станици ширум земјата.  

- Повеќе од 16 патнички возови доцнат. Пријавени се и жртви. Детали ќе имаме покасно. Русите продолжуваат да ја уништуваат украинската железничка инфраструктура, напиша на Твитер првиот човек на украинските железници, Александар Камишин. 

Во меѓувреме од Белата куќа информираат дека синоќешниот состанок меѓу американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, министерот за одбрана Лојт Остин и претседателот на Украина Володимир Зеленски завршил со договор меѓу двете страни дека САД ќе обезбедат околу половина милијарди долари за воена помош на Украина.

- Не знаеме како ќе продолжи оваа војна, но знаеме дека суверена и независна Украина ќе трае многу подолго од Путин на политичката сцена, рече Блинкен по состанокот.

На ваквиот договор експресно реагираа од Москва. Русија ги предупреди САД да не испраќаат повеќе оружје за Украина, бидејќи во спротивно ќе се соочат со последици, посочи рускиот амбасадор во Вашингтон. 

- Ја истакнавме неприфатливоста на оваа ситуација кога САД фрлаат оружје во Украина и побаравме да престане оваа практика. Испратено е официјална дипломатска нота до Вашингтон во која се изразува загриженост на Русија, изјава Анатолиј Антонов.  

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеф Борел пак соопшти дека нема договор меѓу членките на ЕУ за целосно ембарго за руската нафта и гасот.

- Во моментов не се согласуваме по ова прашање за новиот пакет санкции, како и целосно ембарго на руската нафта ќе се разговара на следниот Самит на ЕУ подоцна следниот месец, рече Борел.