Свет
2. May 2017 - 14:13

„Војната со зборови“ на Лондон со Брисел може да му наштети на договорот за Брегзит

Започнатата „војна со зборови“ на владата во Лондон, со Европската комисија во Брисел, треба да прекине, затоа што може да му наштети на процесот на преговорите за Брегзит, пренесуваат британските медиуми, повикувајќи се на извори во владеачката Конзервативна партија.

Реакцијата на Лондон доаѓа по пишувањето на германскиот „Франкфуртер Алгемајне“ цајтунг за тоа дека на минатонеделната средба на премиерот Тереза Меј со претседателот на Европската Комисја, Жан Клод Јункер, во Даунинг стрит 10, дошло до расправија и сериозни недоразбирања.

Јункер се спротивставил на „тенденциите на Меј„ за Брегзит да се зборува и да се означува  како за успех, без разлика дали брзо, уште во јуни, ќе се постигне согласност за статусот на Европејците во Британија и на Британците во ЕУ.

Во текот на работната вечера, Меј, спред германскиот весник, рекла дека Британија „не и должи пари„ на Унијата, на што Јункер, возвратил со забелешката дека излегувањето од ЕУ не е „повлекување од членството во голф клуб„.

Подоцна, претседателот на Европската Комисија Јункер рекол дека е изненаден што британскиот премиер Меј мисли дека сите работи околу европските и британските државјани кои живеат на едната, или на другата страна, може да се разрешат за помалку од еден месец.

-Тереза Меј како да живее во некоја друга галаксија- рекол, наводно, Јункер по враќањето од Лондон, забележувајќи дека сега е десет пати поскептичен, за успехот на преговорите, отколку пред  средбата во Даунинг стрит 10.

Европски извори во Брисел рекле за британски медиуми дека владата во Лондон не го разбира процесот на претстојните преговори и го игнорира начинот на кој функционира Брисел.

Тоа би можело да предизвика да не се постигне никаков договор за Брегзит, рекол дипломатски извор во седиштетот на ЕУ.

Официјален Лондон, пишувањето на германскиот весник и другите вакви информации ги означува како „озборување„ и инсистира дека намерата на Британија е да се преговара во „духот на добрата волја„.

Премиерот Меј, која е во екот на предизборната кампања, сепак, признава дека преговорите со Брисел ќе бидат „тврди и тешки„ порачувајќи дека Британија пред себе ги има обединети сите 27 земји членки на ЕУ, за кои вели, дека се „определени да се направи договор кој е добар за нив“.