Македонија
21. October 2016 - 19:06

Воената полиција спречи обид за кримчарење 11 мигранти ова е еден од 26.000 обиди за 14 месеци откако е АРМ ангажирана на границата

Армијата спречи нов обид за шверц мигранти од Грција на македонска територија, во кој се вмешани и македонски државјани. Шверцерите, со возилата и мигрантите се предадени на надлежните органи на МВР за натамошна постапка.

,,Беше спречен случај на нелегално поминување, односно шверц на мигранти во моторни возила кој се случи некаде во раните утрински, часови околу 6 часот во близина на езерото Паљурци, на правецот кон Богданци. Беа инволвирани двајца наши државјани со две моторни возила и внатре имаше обид за нелегало шверцување на 11 мигранти, од кои 6 малолетни, односно деца’’, изјави портпаролот на ГШ на АРМ, потполковник Тони Јаневски.

Од ангажманот на јужната и северната граница АРМ досега спречи околу 26 илјади обиди за нелегален влез на мигрантите на македонска територија.

,,Континуирано и секојдневно имаме спречени обидни на нелегално преминување. Во последниот период, дел од последните месеци тој број и интензитет е значително намален. Така што во последните неколку месеци ние имаме само по десетина спречени обиди за нелегално преминување во рок од 24 часа’’, изјави Јаневски.

Припадниците на АРМ учествуваат во набљудување, патролирање и извидување во кризните региони, со овластување за приведување на шверцери и мигранти кои нелегано поминале на македонска територија и нивно предавање на полицијата.

Присуството на армијата на границата со Грција датира од август минатата година, со одлука на претседателот Иванов за армиска поддршка на граничната полиција во справувањето со мигрантскиот бран.