Македонија
16. January 2021 - 16:31

Водопади со македонски „шмек“- покуќнина и бела техника кај Габрово

Градежен и растителен шут, остатоци од стар мебел, покуќнина што не се употребува, пластичен отпад, ова е сликата што ги дочекува туристите пред да стасаат до водопадот во Габрово. Несовесни граѓани со своето однесување речиси секојдневно ја нагрдуваат сликата  за еден од најатрактивните туристички и излетнички локалитети во општина Струмица. Од комуналното претпријатие Комуналец велат дека ова е проблем со кој се соочуваат секојдневно. И покрај нивниот ангажман, едукативните кампањи и постојаните апели и понатаму има граѓани кои врлаат отпад насекаде.

„Огромен проблем во последно време ни претставуваат излетничките места. Таков еден карактеристичен пример е излетничкото место на Габровските водопади каде што и покрај тоа што општината го доуреди овој потег таму од водопадот, се изработија летниковци, од наша страна беа поставени корпи за отпад, отпадот два пати неделно се подига од оваа локација, сепак секојдневно се случува да имаме диви депонии,“ вели Бранко Ѓоргиев - раководител на Комунална хигиена - ЈПКД  Комуналец Струмица.

Токму дивите депонии и ангажманот за чиста животна средина биле еден од главните предизвици на струмички Комуналец во изминатата година. Во неколку одделни кампањи лани исчистиле близу триесетина такви локации. Но тоа било само за кратко.

„До сега беа исчистени 27 локации на кои што имаше диви депонии и беше подигната огромна количина на отпад. Меѓутоа и покрај нашата активност, нашето работење секојдневно се создаваат такви диви депонии,“ вели Ѓоргиев.

На проблемот со дивите депонии работи и комуналната инспекција. Минатата година биле поднесени и неколку прекршочни санкции, но нивното работење е отежнато бидејќи тешко може да се откријат сторителите. Токму затоа и тие како и од комуналното претпријатие апелираат на поголема свест и соработка за пријавување на сите прекршители. Во спротивно наместо чиста животна средина и природни убавини туристите се почесто ќе гледаат купишта разновиден отпад.