Македонија
19. January 2018 - 11:05

Водици во Тиквешијата

„Водици“ или „Богојавление“ е денот на кој според христијанското предание Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан, а Водици традиционално се одбележува во Тиквешијата, информираат денеска за МИА етнолозите  Кети Ванчева и Томе Крстевски при кавадаречкиот музеј. 

- Се прославува на 19 јануари и со тоа му се дава значање на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот. Со овој празник завршуваат не само дванаестте  т.н. „некрстени денови“ туку и циклусот зимски празнувања. Во претхристијанското  празнување и традиција, Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог, кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекаат тој час, Бог им ги исполнувал желбите, соопштуваат Ванчева и Крстевски. 

Водици, велат, традиционално се празнувал два дена, првиот ден на 19 јануари кој освен Богојавление и Водици уште се викал и Војордан и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се викал и Женски Водици.

- Во минатото првиот ден  ги бањале зетовците и машките први деца, а вториот ден невестите и женските први деца. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката, а таму свештеното лице по специјален обред ги попрскувал со светена вода. Во минатото карактеристично за Водици е што се празнувало  во поголеми или помали групи, кои се викале кумства или братства. Сите членови се сметале  за роднини и меѓусебно се обраќале со „Свети Јоване“, „побратиме“ и слично. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата, кумството е сродство, па за кумовите, како и за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Секое братство имало свој кум кој го викале  Свети Јован. Тој го чувал крстот една година, од едни до други ​Водици, велат тие.

Еден ден пред празникот,  на 18. го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето т.е. осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови оделе  во црквата. Секој со себе носел котле со вода и во него крстот што му припаѓа на тоа братство. Откако попот ќе ги проверел  сите крстови дали се правилно врзани со босилекот т.е. (треба да има толку гранчиња колку што има куќи тоа братство), ги пеел  сите крстови заедно и со тоа ја осветувал или крштевал водата. Со овој чин,  водата  добивала  профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прскало низ куќата, шталата,  со цел да ги избрка сите лошотии, нагласуваат овие двајца етнолози. 

Потсетуваат дека денеска традиционално, во Македонија, па и во Тиквешијата, свештените лица го потопуваат ритуалниот крст во некоја поголема вода, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени, овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан. 

Во библиската Палестина, на реката Јордан се слушал гласот на пророкот на Свети Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примаат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеа.

Исус Христос доаѓал  при Јован на јордановските води,Јован ја познал величината  на Христовата божествена природа и затоа зборувал „Еве го јагнето божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз себе!“.

Со тоа Христос го потопил прародителскиот грев и грвовите на сите луѓе од постоењето на светот. Штом се крстил, излегол од реката му се отвориле небото и душата божја во телесен вид како гулаб се спуштила над него, гласот од небесата говорел: „Овој е мојот возљубен син кој е по мојата волја“. Поради него ги повикува сите луѓе на светот да станат синови и ќерки Божји, додаваат етнолозите Ванчева и Крстевски.