Македонија
17. November 2017 - 15:16

Водата од струшкиот градски водовод забранета за пиење

Водата од водоводот во Струга е забранета за пиење, поради зголемена матност, зголемени вредности на боја и отсуство на резидуален хлор што представува потенцијална можност и за микробиолошка контаминација на водата.

- Препораката за забраната е издадена врз основа на резултати од направена физичко-хемиска анализа на примероци земени од три места едно училиште, градска општа болница и приватен дом, по претходна пријава на граѓани, вели за МИА др. Лидија Симоноска, специјалист по хигиена, раководител на оддел за комунална хигиена при Институтот за јавно здравје од Охрид.

Таа појаснува дека дополнителното хлорирање не може да ја промени ваквата состојба на водата, туку дека треба да се направи и чистење на мрежата и испуштање вода од хидрантите.

Најавува дека физичко-хемсиски анализи ќе се прават и во наредните денови, но и дека дополнително ќе се прави микробиолошка анализа на водата. Дотогаш, вели, забрането е да се пие водата од струшкиот водовод. 

Забраната за пиење на водата ја издала подрачната единица на Агенцијата за храна и втеринарство, од каде се бара МЈП Проаква Водовод Струга да обезбеди исправна вода за пиење на граѓаните и да ја извести јавноста за безбедноста на водата за пиење.