Свет
16. May 2017 - 13:31

Во Женева почнува новиот круг мировни преговори за Сирија

Во Женева денеска почнува нов круг мировни преговори за Сирија, како дел од најновите обиди на ОН за ставање  крај на шестгодишната граѓанска војна во земјата, во која досега загинаа над 320.000 лица. 

Под покровителство на ОН, досега беа одржани пет средби на кои се разговараше за прекин на огнот во Сирија, но тое завршија без успех, па аналитичарите оценуваат дека шансите за постигнување поголем напредок и во оваа шеста рунда на преговори се минимални. 

Силите на сирискиот претседател Башат ал Асад ја зајакнаа својата позиција на терен, додека бунтовниците се обидуваат да се повратат од ударот по големите загуби во реонот на Дамаск. 

Асад неодамно за белоруската телевизија ОНТ женевскиот мировен процес го оцени како „празен“, истакнувајќи дека тоа е „обична претстава за медиумите“. 

Сирискиот лидер при тоа како позначаен го нагласи дипломатскиот процес во Астана, што го предводат неговите сојузници Русија и Иран, заедно со поддржувачот на сириската опозиција, Турција. 

При процесот во Астана, на 4 мај беше одлучено да бидат создадени четири „зони на деескалација“ во сириските региони каде судирите на највисок степен. 

Посредникот на ОН за Сирија, Стафан де Мистура ја отфрли сугестијата дека преговорите во Астана го „засениле“ женевскиот процес. - Ние работиме во тандем, изјави Де Мистура. 

Преговорите, со посредништво на ОН, се насочени на неколку теми, како човековите права, изработката на нов устав, избори и борбата против тероризмот во Сирија. 

Се очекува претставниците на сириската Влада и на опозицискиот Висок преговарачки комитет (ХНЦ) да преговараат во Женева до викендот, а Де Мистура наведе дека сака преговори по неколу прашања за кои се надева дека ќе се оствари солиден напредок. 

ХНЦ смета дека заминувањето на Асад од власта мора да биде дел од секоја политичка транзиција во земјата, што сириската Влада го одбива.