Свет
11. August 2017 - 21:29

Во железничка несреќа во Египет загинаа најмалку 28 лица

Два патнички воза денеска челно се судрија во Египет, близу медитеранското пристаниште Александрија, при што загинаа најмалку 28 лица, а повредени се над 90 лица, соопшти портпаролот на египетското Министерство за здравство, пренесува ТАСС.

Податоците не се конечни, бидејќи од различни медицински извори постојано пристигнуваат нови информации за загинати и повредени.

Според дел од американските медиуми, двата воза се судриле во реонот Хоршид, југоисточно од Александрија. Едниот воз доаѓал од престолнината Каиро, а другиот - од пристанишниот град Порт Саид, во северниот сектор на Суецкиот канал. Според информациите од местото на настанот, возот од Каиро со полна брзина удрил во возот од Порт Саид, кој запрел поради дефект Како резултат на сударот, една локомотива и два вагони излетаа од шините. На местото на несреќата испратени се полициски сили и околу 80 амбулантни возила.

Јавното обвинителство на земјата веднаш почна  истрага. Формирана е специјална комисија која ќе ги испита сите околности околу несреќата. Засега нема претпоставки за причините за несреќата.