Македонија
1. September 2015 - 16:47

Во здравството ќе биде набавена нова медицинска опрема во вредност од 1 милион евра

Одделите за интензивна нега на Гинекологија и Детската Клиника ќе бидат опремени со нова опрема, најави премиерот Никола Груевски. Новите апарати ќе бидат исклучително важни за намалување на смртноста кај доенчиња.

-Имаме посебен проект во Владата и Министерството за здравство за преземање на сите потребни мерки за намалување на смртноста кај доенчињата и затоа набавивме нова опрема во износ од 50 милиони денари, истакна премиерот Никола Груевски.

Паралелно е започната процедура и за набавка на компјутерски томограф во поликлиниката „Јане Сандански“ во Аеродром во вредност од 20 милиони денари. Овој современ апарат ќе биде ставен во функција до крајот на октомври.

-Само овие три проекти, на Детската клиника, во Гинекологија и во „Јане Сандански“ чини околу 1,1 милион евра, дополнителна инвестиција која што ја правиме во текот на оваа година. Така што инвестициите во опрема на здравството продолжуваат, имаме уште многу други работи што течат како набавка, што завршуваат или што ќе почнат. Тоа е еден континуиран процес и ние никогаш нема да застанеме. Постојано ќе работиме на понова и понова опрема во делот на здравството во РМ, истакна премиерот Никола Груевски.

Премиерот потсети дека во најголем дел е реализиран   и проектот  за   набавка на опрема во здравството во вредност од 100 милиони евра. Нови апарати добија речиси сите поголеми јавни здравствени установи во Македонија.