Македонија
4. May 2017 - 17:33

Во Заводот за кардиологија-Охрид изведенa прва ротаблација на запушувањe на срцеви крвни садови

Во Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид денеска првпат беше промовираната процедура за третирање на комплексни запушувања на срцевите крвни садови (стенози) кај пациенти со масивни кациумски наслаги.

Методата е наречена „ротаблација“ и за неа се користи посебна апаратура и специфично дизајнирани ротаблациони катетри што се воведуваат преку водилна коронарна жица и вршат еден вид на ротациско разбивање на запушувањата, овозможувајќи отворање на крвниот сад, а потоа и поставување стентови.

- Оваа процедура е резервирана за ретки и комплексни случаи на запушување на срцевите артерии, на пациенти кои доколку не се успееше да се направи интервентна перкутана процедура, се испраќаа на отворена операција на срце. Со усовршување на техниките, методите и потрошниот материјал во интервентната медицина се помал број пациенти се упатуваат на отворена операција срце и се повеќе се применуваат перкутани методи, изјави специјалистот кардиолог Никола Бакрачески.

Тој истакна дека се работи за скапа процедура што се применува само во помал број на центри кои имаат голем волумен на работа и од страна на искусни интервентни кардиолози. Во Македонија се изведува само уште на Клиниката за кардиологија во Скопје.

Во Заводот во Охрид годишно се реализираат некаде околу 1.600 интервентни зафати, а статистиката кажува дека кај 2 до 3 отсто од случаите или некаде 40-тина пациенти не може да се применат стандардните процедури на стентирање.

- Оваа метода ќе им овозможи на тие пациенти да се лекуваат без отварање на градниот кош и без класична хируршка интервенција. Особено е важна оваа процедура за постарите пациенти на кои практично е невозможно да им се помогне со стандардни лекувања, како луѓе кои веќе имале по две операции на коронарен бај-пас, истакна специјалистот кардиолог и заменик-директор на Клиничкиот центар на Србија, Владан Вукчевиќ.

Во Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид веќе четврта година се изведува и интраваскуларен ултразвук со кој може да се евалуира резултатот од стентирањето на ваквите комплексни запушувања и се овозможува отпимизација на резултатите со дополнителни балон дилатации во стентовите или поставување на дополнителни стентови доколку се работи за компликации од процедурата.