Македонија
23. April 2018 - 15:55

Во Виница се одржа прва Регионална конференција за формирање младински совети

 Од 11 општини во Источниот регион, само во Штип има активен и функционален Младински совет. Неколку други општини формирале совети, но тие не работат, а останатите воопшто ни не спровеле иницијатива за нивно формирање.

Ова беше констатирано на првата Регионална конференција за формирање и функционирање на младински совети што се одржа во Виница, а  чии организатори беа Асоцијацијата за интернационална мобилизација и Civica Mobilitas.

- Младите во секоја општина мора да имаат свое тело кое ќе ги застапува нивните интереси и ќе развива, координира и мониторира младински политики. Затоа сакаме јасно и гласно да апелираме до локалните власти преку своите општински совети да започнат иницијативи и да донесат одлуки за формирање на младински совети. Ние ќе организираме обуки за аплицирање на европски и регионални проекти за што им нудиме дополнителна поддршка, истакна Никица Бачовски од Асоцијацијата за интернационална мобилизација.

Една од задачите на Младинскиот совет е да се ангажира на специфични теми, а главната насока треба да биде едукација, спорт, култура и други активности настани што ги опфаќаат младите.